Имате проблеми со спиењето? Овие намирници и пијалаци можат да помогнат

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Квалитетниот сон е важен за физичкото и менталното здравје, но понекогаш тешко заспиваме дури и кога сме уморни. Освен редовната рутина, и изборот на храна и пијалаци може да влијае врз квалитетот на спиењето, пишува Би-би-си.

Што да јадете пред спиење?

Триптофанот е есенцијална аминокиселина што учествува во создавањето серотонин и мелатонин, супстанции важни за регулирање на сонот. Се наоѓа во јајцата, месото од живина, млекото и јогуртот.

Бананите и путерот од кикирики исто така содржат триптофан, па мало парче интегрален тост со овие намирници може да биде добар избор ако сте гладни навечер.

Некои истражувања покажуваат дека јадењето два кивија околу еден час пред легнување може да го подобри сонот. Сепак, досегашните истражувања се ограничени и потребни се дополнителни докази.

Кои пијалаци помагаат за подобар сон?

Чаша топло млеко пред спиење може да биде дел од смирувачката вечерна рутина. Млекото содржи мала количина мелатонин, но не е утврдено дали тоа значително влијае врз сонот.

Чаевите од камилица, валеријана и пасифлора често се користат за опуштање. Сепак, научните докази за нивната ефикасност се ограничени. И сокот од кисели вишни се истражува поради можната поврзаност со подобар сон.

Важно е да внесувате доволно вода во текот на денот, а пред спиење да го намалите внесот на течности за да избегнете чести будења поради одење во тоалет.

Што треба да избегнувате навечер?

Кофеинот може да го отежни заспивањето и да го намали квалитетот на сонот. Експертите препорачуваат кафето да се избегнува околу девет часа пред легнување, особено кај луѓето чувствителни на кофеин.

Алкохолот може да помогне побрзо да заспиете, но го нарушува сонот и може да предизвика будење во текот на ноќта. Преголемото количество слатки и засладени пијалаци, како и зачинетата храна, исто така може да го отежнат спиењето кај некои луѓе.

Од друга страна, топол туш неколку часа пред легнување може да помогне телото постепено да ја намали температурата и да се подготви за сон.

Кога е најдобро да вечерате?

Доцните и обилни оброци можат да влијаат врз спиењето и внатрешниот биолошки часовник. Затоа, обидете се последниот поголем оброк да го завршите неколку часа пред легнување.

Најважно е да одржувате редовен распоред на спиење, да избегнувате кофеин во доцните часови и да изберете вечерна рутина што ви одговара. Ниту една намирница не е сигурен лек за несоница, а доколку проблемите со спиењето траат подолго, препорачливо е да се консултирате со лекар.

Најнови вести