Најновите истражувања покажуваат дека кетогената, односно кето диетата, може да има повеќе здравствени придобивки кај луѓето со прекумерна телесна тежина, во споредба со други диети за слабеење.
Истражувачите ја споредиле кето диетата со медитеранската диета и со исхрана со малку масти, базирана претежно на растителни намирници.
Сите три начини на исхрана довеле до намалување на телесната тежина и телесните масти, но кето-диетата покажала поголеми придобивки за здравјето на црниот дроб и метаболизмот.
Исхраната со значително намален внес на јаглехидрати и висок удел на масти, каква што е кето-диетата, може да има дополнителни здравствени придобивки кај луѓето со прекумерна телесна тежина, во споредба со медитеранската диета или со исхраната со малку масти и повеќе растителни намирници.
Според студијата објавена на 27 август во списанието Cell Metabolism, кај околу половина од учесниците со пред дијабетес кои следеле кето-диета, состојбата повеќе не ги исполнувала критериумите за добивање на оваа болест.
Кето-диетата, исто така, покажала поголемо подобрување на здравјето на црниот дроб и метаболичките показатели во споредба со другите два начина на исхрана.
Наодите укажуваат дека кето-диетата би можела да биде ефикасен начин на исхрана за одредени луѓе со прекумерна телесна тежина, преддијабетес и замастен црн дроб.
КЕТО ДИЕТАТА МОЖЕ ДА ГО ПОДОБРИ МЕТАБОЛИЗМОТ И РАБОТАТА НА ЦРНИОТ ДРОБ
За да ги утврдат метаболичките ефекти на трите начини на исхрана, истражувачите спровеле клиничко испитување во кое учествувале 42 лица со прекумерна телесна тежина, преддијабетес и замастен црн дроб.
Учесниците по случаен избор биле распоредени во една од трите групи: кето диета, медитеранска диета, диета со малку масти, со акцент на растителна храна.
Сите учесници ја добивале храната од истражувачкиот тим. Дополнително, еднаш неделно се среќавале со нутриционист, кој им помагал да се придржуваат до предвидениот режим на исхрана.
Во текот на истражувањето, кај кето-диетата само 4 отсто од внесените калории потекнувале од јаглехидрати, додека 73 отсто потекнувале од масти. Кај медитеранската диета, 50 отсто од калориите доаѓале од јаглехидрати, а 35 отсто од масти. Кај исхраната со акцент на растителни намирници, јаглехидратите учествувале со 70 отсто, а мастите со 15 отсто.
Истражувачите го приспособиле дневниот калориски внес за секој учесник со цел во период од четири до пет месеци да изгуби околу 10 отсто од телесната тежина.
На крајот од истражувањето, сите три начини на исхрана довеле до значително намалување на телесните масти. Кај учесниците била забележана и подобра чувствителност на инсулин, што значи подобрена способност на организмот за регулирање на шеќерот во крвта.
Сепак, групата која следела кето-диета покажала најголемо подобрување кај различни показатели поврзани со функцијата на црниот дроб и метаболизмот. На пример, количината на масти во црниот дроб се намалила во просек за 67 отсто, во споредба со 45 отсто кај учесниците од другите две групи.
Истражувачкиот тим во текот на 24 часа ги следел и метаболичките процеси кај секој учесник, со редовно испитување на крвта. Резултатите покажале дека кај групата на кето-диета дошло до најголемо зголемување на нивото на глукагон – хормон кој поттикнува согорување на мастите во црниот дроб.
Кај оваа група било забележано и најголемо намалување на нивото на инсулин во крвта, што може да придонесе за намалување на количината на масти во црниот дроб.
До крајот на истражувањето, околу половина од учесниците кои следеле кето-диета повеќе не ги исполнувале критериумите за преддијабетес. Кај оние што следеле медитеранска диета, тоа било случај кај 29 отсто од учесниците, додека кај групата со исхрана базирана на растителни намирници процентот изнесувал 7 отсто.