Францускиот претседател Емануел Макрон доби ветувања за испорака на дополнителни 200.000 тони дизел месечно од Обединетите Арапски Емирати и Бахреин. Со договорот од Саудиска Арабија, Франција има 295.000 тони месечно, што претставува нешто повеќе од 10 проценти од нејзината потрошувачка.
Кувајт, исто така, даде ветување за испорака на дизел и керозин до француските прекуокеански територии Мајот и Реунион во Индискиот Океан, соопшти француското претседателство. Пратките ќе бидат испратени преку Оман, заобиколувајќи го Ормускиот теснец.
Претседателот Макрон организираше турнеја низ клучните снабдувачи со енергија во Заливските земји со цел да обезбеди нафта и дизел и да ги намали цените во Франција, по насилните протести предизвикани од зголемените трошоци за живот. Протестите изминатиот викенд на повеќе места во Франција беа проследени со судири, грабежи и уништување имот. Според министерот за трговија, Серж Папен, оштетени или ограбени биле околу 3.000 трговски објекти, од кои речиси 700 во Марсеј.

Француските власти решија да го продолжат полицискиот час и други безбедносни ограничувања во одредени градски подрачја.

Цените на суровата нафта во светот скокнаа во осуммесечниот конфликт меѓу САД и Иран, откако Техеран го блокираше Ормускиот теснец, главната рута за извоз на енергија од Заливот.
Земјите од Г7, со кои претседава Франција оваа година, се согласија на почетокот на октомври да извлечат до 100 милиони барели нафта од нивните стратешки резерви за да го намалат притисокот.