За разлика од повеќето поранешни југословенски држави, Република Македонија својата независност ја стекна без војна и крвопролевања. Сепак, првиот претседател на независна Македонија (1991–1999) и една од клучните личности во мирното осамостојување на државата беше цел на атентат на трети октомври во 1995 година.
Нападот бил извршен со автомобил-бомба на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движел од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија. Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата.
На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот, Илчо Теовски. На повредите подоцна им подлегнал и Ристо Хаџиманов, пензионер, кој бил случаен минувач. Иако по атентатот беше отворена обемна истрага од страна на МВР, под името „Автомобил“, ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот врз Глигоров се уште не се познати.
Глигоров за своето успешно, конструктивно водење и регулирањето на меѓународните односи на земјата беше добитник на бројни меѓународни награди и признанија. Во јануари 1998 година во Неапол му беше врачена Средоземната награда за мир.
БОРИС ТРАЈКОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛОТ КОЈ ИЗБРА МИР, НАМЕСТО ВОЈНА
Првиот македонски претседател преживеа атентат, неговиот наследник Борис Трајковски, за жал загина во авионска несреќа.
По неговата трагична смрт Македонија отвора нова ера од независноста, но и низа тешки политички моменти и историски одлуки.
Омилен кај народот со својата скромност и непосредност, беше еден од ретките политичари кој уживаше голема поддршка. Никој не може ни да претпостави дека животот на Трајковски ќе заврши за миг далеку од неговата Македонија која толку ја сакаше и глорифицираше во светски рамки. Македонија изгуби шеф на државата.
Трајковски е запаметен како човек кој во тешки времиња донесе тешки одлуки. Некои ќе речат оправдано, а за други не.
Но, по година и половина од неговиот мандат виорот на војната тропна ненајавено во Теарце, потоа борбите се прошируваа во Тетово, па најголемата трагедија следеше кај ВЕЈЦЕ, каде во заседа беа убиени 8 припадници на македонските безбедносни сили. Гневот растеше кај јавноста и кај политичарите. Борис Трајковски се обиде на мирен пат преку дипломатија, воена офанзива, но и меѓународно посредништво да стави крај на воениот конфликт. По случките во Арачиново, заседата кај Карпалак, многу месеци тензии и насилства крај на кофликтот се става со потпис на Охридскиот рамковен договор.
Потписник е и Борис Трајковски кој ќе изјави: „Ова не е само политички договор. Ова е и мировен договор кој ќе го отстрани присуството на натрапниците во Македонија и ќе го гарантира нејзиниот територијален суверенитет.“
Неколку месеци подоцна, во ноември се направија уставните промени.
2002 и 2003 година за Трајковски се години кога Македонија пробува да ги излечи раните, да се врати на нозе и да се опорави од војната. За претседателот главно било да биде гарант за конфликтот да не се повтори. Сите негови изјави и дејствувања се во таа насока.
Две и пол години по почетокот на војната, нов шок за се уште ранетата Македонија, претседателот е мртов. Загинува во авионска несреќа кај Мостар. Вест која одекна како татнеж, примена со шок и неверување кај македонцкиот народ.
Со него патуваше и осум члена македонска делегација, која требаше да присуствува на меѓународна конференција посветена на инвестициите во Босна и Херцеговина. Владиниот „Кингер“ требал да слета утрината на мостарскиот аеродром, наместо тоа исчезнал од радарот.
Официјалниот заклучок на обновената истрагата од 2015 година ја исклучи можноста за атентат врз Борис Трајковски, беше наведено дека авионската несреќа била предизвикана од серија грешки на екипажот при приодот во лоши временски услови.